
Вториот ден од етапното натпреварување Тур д Ски, во рамките на Светскиот куп во крос-кантри, ги опфати првите трки на дистанца во Ленцерхајде, Швајцарија.
Од дамите, кои се тркаа на десет километри, најбрза беше Керту Нисканен (27:04,0), која го презеде првото место во етапниот поредок со третата победа во кариерата.
На подиумот се пласираа уште Еба Андерсон (+18,2) и Наталија Непрјаева (+30,5), а во топ 5 завршија и Криста Пармакоски (+34,0) и Фрида Карлсон (+44,6).
На машката трка на петнаесет километри, двојно славје на семејството Нисканен му донесе братот на Керту, Ииво (34:51,7), кој триумфираше по седми пат во Светскиот куп.
Актуелниот шампион, Александер Болшунов (+19,3) се искачи на втората позиција, додека најниското место на пиедесталот го зазеде Паал Голберг (+25,2).
Во првите петмина завршија уште Јоханес Клебо (+34,3) и Иван Јакимушкин (+34,6).



