
Новата сезона од Светскиот куп во алпско скијање беше отворена со машкиот велеслалом во Зелден, Австрија.
На него, до дванаесеттата победа во кариерата дојде актуелниот шампион, Марко Одермат (2:04,72), кој потполно издоминира и во двете серии.
На второто место, односно по третпат на подиумот во Зелден, заврши Словенецот Жан Крањец (+0,76), кој надомести една позиција во однос на првиот дел.
Во продолжение следуваа тројца Норвежани, од кои, Хенрик Кристоферсен (+0,97) го комплетираше пиедесталот, а зад него завршија Лукас Бротен (+1,10) и Расмус Виндингштад (+1,11).
Со напредок од дваесет позиции во втората серија, седмата позиција ја освои Американецот Томи Форд (+1,16), а во топ 10 се пласираа уште: Лоик Мејар (+1,19), Александер Шмид (+1,37), Штефан Хадалин (+1,38) и Тибо Фавро (+1,40).
Имено, новата кампања требаше да започне вчера со женскиот велеслалом, но истиот беше откажан поради неповолните временски услови.




