Во првото коло од новата НРЛ сезона се соочија најголемите ривали, а воедно и двете екипи кои го сочинуваат дербито на Квинсленд – НК Каубојс и Бризбејн Бронкос.
Нивното ривалство датира од 1995, а кулминираше дваесет години подоцна кога двете екипи се соочија во големото финале на НРЛ. Во тој меч, НК Каубојс дојдоа до својата прва титула победувајќи со 17-16 после продолжение.
На денепниот натпревар, НК Каубојс го претставија својот нов стадион – „Квинсленд Каунти Банк Стадиум“ со капацитет од 25 000 седишта. После првото полувреме, резултатот изнесуваше 9-12 во корист на Бризбејн, а предноста ја стекнаа благодарение на есеите на Тарпин и Стагс како и двете успешни конверзии на Исаако. За Каубојс, по еден есеј постигнаа Холмс и Фелдт, а Морган изведе еден прецизен дроп-шут во последната секунда.
Второто полувреме беше поделено на два дела. Имено, во првата половина од полувремето доминираше Бризбејн правејќи серија од 16-0 со три есеи (Пангаи, Фифита и Исаако) и две прецизни конверзии на Исаако. Во вторите дваесет минути од второто полувреме, Каубојс постигнаа два есеи преку Купер и Хемптон кои беа успешно конвертирани од Фелдт. Конечниот резултат изнесуваше 21-28 во корист на Бризбејн кој ја запиша третата последователна лигашка победа над својот лут ривал.
Најдобрите моменти од овој натпревар можете да ги погледнете на следниот линк:
https://www.nrl.com/tv/news/match-highlights-cowboys-v-broncos-1040824/



