Последниот меч од првата рунда на ФА Купот го одиграа шестолигашот Оксфорд Сити и третолигашот Нортемптон Таун.
На теренот, ситуацијата личеше на дуел помеѓу два припадници на иста лига.
Имено, Оксфорд Сити беше подоминантен во првото полувреме, со подобра статистика и подобри шанси.
Сепак, Нортемптон стекна рано водство, со голот на Сем Хоскинс во 7. минута.
До крајот на првите четириесет и пет минути, Оксфорд Сити успеа да израмни на 1-1 и со релативно поволен резултат да влезе во вториот дел. Стрелец за шестолигашот беше Џејмс Робертс (12′).
Апсолутниот аутсајдер го започна и второто полувреме со солидна игра, изнудувајќи пенал во 52. минута. Сепак, истиот не беше реализиран од гореспоменатиот Робертс, бидејќи Џонатан Митчел, голманот на гостите, кој е позајмен играч од Дерби Каунти, успешно ја сочува својата мрежа.
Во 65. минута, дефанзивците на Нортемптон направија нов фаул во својот шеснаесетник, а овој пат, Џош Ешби беше прецизен за комплетирање на пресвртот на Оксфорд Сити и заслужена победа од 2-1.
Популарните ,,Хупс”, со денешниот триумф, се пласираа во втората рунда од ФА Купот, каде што ќе гостуваат кај друг третолигаш – Шрузбери Таун.
Имено, Оксфорд Сити денес беше пренесуван на британските телевизии за вторпат во 137-годишната историја, дебитирајќи во 2017, во поразот од Нотс Каунти во втората рунда од ФА Купот.