
Последните спринтови од тековната сезона на Светскиот куп во крос-кантри се одржаа денес во Лахти, Финска.
Кај жените, пласманот на првите шест заврши со напореден редослед Норвешка – Шведска.
Имено, до четвртата победа во низа во најбрзата дисциплина дојде Кристине Ставаас Скистад (3:08,63), која зад себе ги остави Јона Сундлинг (+0,13), Тирил Уднес Венг (+6,55), Маја Далквист (+7,38), Ане Стенсет (+7,49) и Ема Рибом (+11,96).
Во машка конкуренција, својата неприкосновеност ја продолжи Јоханес Клебо (2:48,58), кој победи на петте последни натпреварувања и го израмни рекордот за најмногу триумфи во спринт на Марит Бјерген.
Единствен ,,странец” на подиумот беше второпласираниот Швеѓанец, Кале Халфварсон (+0,75), а пласманот го комплетираа уште четири Норвежани, односно Ерик Валнес (+0,93), Евен Нортуг (+1,31), Харалд Остберг Амундсен (+1,63) и Синдре Бјорнштад Скар (+2,95).