После Рука, Лахти е втората финска локација на натпреварувањата од Светскиот куп во крос-кантри.
Денес, на програмата беа првите овосезонски скијатлони и во машка и во женска конкуренција, на триесет, односно на петнаесет километри.
Норвежаните се вратија во Светскиот куп после цели два месеци, но ростерот не беше комплетен бидејќи неколку врвни скијачи се одлучија за слободен викенд.
Кај дамите, уште во воведните стотина метри се случи масовен пад, кој за среќа помина без последици. Накрај, Терезе Јохауг се врати на најдобар можен начин, остварувајќи ја својата 77. победа во кариерата, со време од 37:47,5.
Норвежанките направија целосен хет-трик, така што 19-годишната Хелене Марие Фосесхолм (+28,1) и искусната Хајди Венг (+29,6) го комплетираа подиумот. За само дел од секундата, пласманот во топ 3 им избега на Еба Андерсон (+29,7) и на Џеси Дигинс (+30,1).
Во машка конкуренција, Норвешка ги окупираше првите четири позиции, пред сè поради падот на Александер Болшунов и на Ханс Кристер Холунд во последниот километар. Русинот накрај заврши на петтото место (+29,0), а до осмата победа во кариерата дојде Емил Иверсен (1:10:18,4), пред Сјур Роте (+0,4) и пред Паал Голберг (+6,6). Нивниот сонародник Симен Хегштед Кругер (+9,5) се пласира на четвртата позиција.
📸 Matthias Hangst/Getty Images



