
Единствената трка од денешната програма на Светскиот куп во биатлон во Контиолахти (Финска) беше машката штафета 4 х 7,5 километри.
До победата на ова натпреварување дојде Норвешка (1:12:06,1) за која скијаа Сиверт Гуторм Бакен, Филип Фјелд Андерсен, Стурла Холм Лагреид и Ветле Сјастад Кристијансен.
Во отсуство на браќата Јоханес и Тарјеи Бо, Норвежаните отскијаа најдобра трка и го освоија петтиот кристален глобус во низа во екипна конкуренција.
До првиот тимски подиум во сезоната дојде Шведска (+10,6), а во битката за бронза, Франција (+12,4) ја порази Германија (+13,4) за само една секунда.
Сите останати селекции заостануваа над една минута, а пласманот во првите пет го комплетираше Австрија (+1:44,7).
За шведската репрезентација настапија Пепе Фемлинг, Јеспер Нелин, Мартин Понсилуома и Себастијан Самуелсон, додека Франција беше претставена од: Антонан Жигона, Емилиен Жакелан, Симон Дестио и Квентин Фијо Маје.