Третиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одвива во австрискиот Хохфилцен, а истиот започна вчера со спринтовите во машка и во женска конкуренција, каде што, за првпат во своите кариери, триумфираа Јоханес Дале и Ѕинара Алимбекава.
Во женска конкуренција, на денешната програма беше скијањето во тимска категорија. Најбрзи беа Норвежанките (Каролине Кнотен, Ингрид Ландмарк Тандерволд, Тирил Екоф и Марте Роиселанд), кои на одличен начин ги искористија киксовите на последните две измени на конкурентките. Франција (Ане Бекон, Жулија Симон, Жистин Бреза-Буше и Ане Шевалие-Буше) заврши како второпласирана селекција со заостаток од 24,5 секунди. Битката за најниската позиција на подиумот, до самиот крај ја водеа три селекции, од кои Шведска (Јохана Скотхајм, Лин Персон, Хана Оберг и Елвира Оберг) беше најдобра со само две десетинки предност во однос на Германија (Марен Хамершмидт, Франциска Пројс, Јанина Хетих и Денизе Херман). Петтата позиција им припадна на Италијанките (Лиза Витоци, Ирене Лардшнајдер, Доротеа Вирер и Федерика Санфилипо), кои покажаа добра борба во втората половина од штафетата.
Од друга страна, мажите денес имаа потера на 12,5 километри со четири пукања врз основа на вчерашниот спринт. До победата дојде Квентин Фијо Маје, кој заедно со својот сонародник, Емилијен Жакелан (+25,5), ја ,,уништи” конкуренцијата и стана шести различен победник на првите шест трки во новата сезона. Токму двајцата Французи, придружени и од сонародникот Антоан Жигона, беа единствени од првите десет што ги погодија сите дваесет пукања. На третата позиција, најдобра во кариерата во потера, се пласира вчерашниот победник Јоханес Дале (+49,5). Единствен од останатите со заостаток под една минута беше Јоханес Тингнес Бо (+58,0), а во првите десет завршија уште: Фабиен Клод (+1:10,2), Стурла Холм Лагреид (+1:18,1), Тарјеи Бо (+1:21,6), Симон Едер (+1:22,0), Антоан Жигона (+1:23,0) и Себастијан Самуелсон (+1:37,2).



