
После серијата од четиринаесет врзани порази, односно само една победа во првите шеснаесет средби од тековната сезона на АФЛ, Норт Мелбурн Кенгарус му врачија отказ на тренерот Дејвид Нобл.
На натпреварот од осумнаесеттото коло против Ричмонд Тигерс, тренерската позиција ја презеде асистентот Ли Адамс, кој во буквална смисла го прероди тимот, кој служеше за билдање на поен-разликата на противниците во досегашниот дел од сезоната.
Имено, Кенгарус ја запишаа само втората победа во 2022, откако херојски ги надиграа ,,Тигрите” со конечен резултат од (14.8) 92-88 (11.22).
Во првото полувреме, ,,Кенгурите” забија десет голови и стекнаа удобна предност, која во потполност пропадна во третата и во четвртата четвртина.
Сепак, во финишот, номиналните домаќини ја вратија позитивата на своја страна и со неспретноста на противничката офанзивна линија во последната минута успеаја да дојдат до посакуван триумф.
Кај поразениот состав, во отсуство на повредениот напаѓач Том Линч, двоцифрен број на поени постигнаа Џек Риволдт (2.6) и Ноа Кумберланд (3.4).
Од друга страна, носители на играта на победничкиот тим беа Пол Куртис (3.0), Кем Зурхаар (6.1) и Џај Симпкин со 34 допири.
Ситуацијата на табелата не доживеа промени кога се во прашање позициите со тоа што Ричмонд остана на осмото, а Норт Мелбурн на последното место.