
На олимпискиот слалом во машка конкуренција во алпско скијање, со титулата олимписки шампион се закити Клеман Ноел.
Французинот (1:44,09) дојде до првиот медал на ЗОИ во својата кариера, иако беше дури шести после првата серија.
На второто место заврши водечкиот после првото скијање, Јоханес Штролц (+0,61), чијашто бајка продолжува да тече.
Штролц беше исфрлен од австриската репрезентација минатата година и сам ги сносуваше трошоците за секоја трка.
На слаломот во Аделбоден, Австриецот беше сензационален победник што му донесе селекција за ЗОИ 2022, каде што, освен денешното сребро, освои и злато во алпска комбинација.
Со бронза од денешното натпреварување замина Норвежанецот Себастијан Фос-Солевааг (+0,70), кој исто така беше ,,бронзен” на тимскиот настан од Пјонгчанг 2018.
Неговиот сонародник, Хенрик Кристоферсен (+0,79), беше четврт, а под една секунда заостануваа уште: Лоик Мејар (+0,80), Даниел Јул (+0,86), Линус Штрасер (+0,93) и Џулијано Рацоли (+0,96).
Пофалба заслужува и најдобриот бугарски претставник, Алберт Попов (+1,06), кој го зазеде деветтото место.




