Актуелните шампиони, Ст. Луис Блус и екипата на Колорадо Аваланш се две од четирите најдобри западни екипи по прекинот на сезоната. Овие тимови се натпреваруваат во посебна меѓусебна група за да ја одредат својата позиција и да дојдат до евентуално полесен противник во наредната фаза на плејофот.
Синоќа, овие две екипи одиграа незаборавен дуел. Имено, до водството дојде Ст. Луис преку голот на Давид Перон во првата третина. Резултатот беше актуелен сè до петтата минута на третиот дел кога Рајан Грејвс израмни на 1-1. Кога веќе беше сè навидум решено и играчите очекуваа да одиграат продолжение, Назем Кадри од редовите на Колорадо погоди гол за да ја донесе победата на својата екипа од 2-1. Имено, Казри погоди на 0,1 секунда до крајот што претставува нов НХЛ рекорд за најдоцен победнички погодок во регуларниот дел од еден плејоф натпревар. Претходниот рекорд беше во сопственост на Јуси Јокинен од Каролина Хурикејнс, кој на 21 април 2009, погоди против Њу Џерси Девилс на 0,2 секунди до крајот.
Овој натпревар беше прв во групата на Западната конференција така што Колорадо се искачи на водечката позиција со два освоени поени. Останатите две екипи се Далас Старс и Вегас Голден Најтс коишто ќе го одиграат својот меѓусебен натпревар вечерва.



