Во 1/16-финалето од плејофот на тековната НХЛ сезона, силите ги одмерија Торонто Мејпл Лифс и Колумбус Блу Џекетс. Синоќа беше одигран нивниот прв меѓусебен плејоф натпревар од овосезонската серија.
Имено, до победата дојде гостинскиот тим, Колумбус Блу Џекетс, со резултат од 0-2. Претставниците на Охајо ги постигнаа двата гола во третата третина односно Кем Еткинсон (01:05) и Александер Венберг (19:41) на празен гол. Иако според претпоставките, при резултат од 0-1 за Колумбус, Торонто требаше да направи огромен пресинг, сепак Канаѓаните, во последните шест минути од натпреварот немаа ниеден шут кон противничкиот гол!
Голманот на Колумбус, Јоонас Корписало, е вкупно тринаесеттиот голман во историјата на НХЛ кој не примил гол на своето плејоф деби.
Исто така, синоќа, уште една канадска екипа не успеа да постигне гол на својот прв плејоф натпревар сезонава. Станува збор за Ванкувер Кенакс, коишто загубија со 0-3 од Минесота Вајлд. Ова беше првпат, две канадски екипи да не успеат да постигнат гол на ист ден во плејофот уште од 19 април 1996 кога тоа (не) им пошло од рака на Калгари Флејмс (пораз од 3-0 од Чикаго Блекхокс) и на Винипег Џетс (пораз од 4-0 од Детроит Ред Вингс).



