Синоќа, за првпат после март, беше продолжена тековната НХЛ сезона. Сезоната започна директно од плејофот во којшто влегоа дваесет и четири тимови наместо стандардните шеснаесет, кои ќе се борат на три добиени натпревари.
Најинтересниот, а воедно и најефикасниот синоќешен дуел се одигра во „Роџерс Плејс“ во Едмонтон помеѓу домашните Едмонтон Оилерс и гостинските Чикаго Блекхокс.
Имено, до победата дојде Чикаго со резултат од 4-6, пред сè поради ефикасната прва четвртина во којашто постигнаа дури четири погодоци. Стрелци за Блекхокс во првите дваесет минути беа Дајлан Сторм, Џонатан Тјус (х2) и Брендон Саад, откако претходно Конор МекДејвид му донесе предност на Едмонтон.
Втората третина заврши со 1-2 во корист на Чикаго. Најпрво, водечкиот стрелец на лигата, Леон Драисаитл, погоди за Едмонтон, а потоа Доминик Кубалик двапати ја затресе мрежата на Оилерс за убедливо водство од 2-6 во пресрет на последниот период. Кубалик постави рекорд за најмногу освоени поени на плејоф деби – Чехот погоди двапати и асистираше трипати за вкупно пет освоени поени на синоќешниот дуел. Примањето на петтиот погодок, го доведе Дејв Типет, тренерот на Едмонтон, да ја изврши измената на голманската позиција воведувајќи го во игра Мико Коскинен, поранешниот член на СКА и Новосибирск, на местото на Мајк Смит.
На нешто помалку од четири минути до крајот, Едмонтон постигна уште два погодоци преку Џејмс Нил и Рајан Нуџент-Хопкинс за поставување на конечниот резултат и дефицит од 1-0 во плејоф серијата.