
По шести пат во низа на меѓусебните дуели, Торонто Мејпл Лифс ги поразија Њу Џерси Девилс, откако синоќа славеа со 6-4.
После десет минути игра, Девилс имаа водство од 1-3 што резултираше со промена на голманската позиција во домашните редови.
Наместо стартерот Џек Кемпбел, помеѓу стативите застана Петр Мразек, кој иако прими еден погодок во втората третина, им внесе самодоверба на своите соиграчи.
Клучен за победата на Торонто беше третиот период во кој, освен постигнатите четири погодоци, во потполност ги неутрализираа своите ривали на само два упатени шутеви.
Од гостинскиот состав, голови постигнаа Павел Заха, Јеспер Боквист, Андреас Џонсон и Нејтан Бастијан.
На спротивната страна, во листата на стрелците се запишаа Џејсон Спеца, Митчел Марнер и Илја Михејев, заедно со Остон Метјус, кој постигна хет-трик.
Воедно, Метјус стана најбрзиот играч во клупската историја на Мејпл Лифс што стигнал до 400 поени во НХЛ, откако му беа потребни само 372 натпревари.
Во Источната конференција, Девилс го заземаат тринаесеттото место, додека Торонто се наоѓа на шестата позиција.




