Венеција е главен град на регионот Венето и провинцијата Венеција во североисточна Италија. Изградена е на 118 мали острови во устието на реката Бренте во Венецијанскиот Залив. Позната е и како „град на каналите“. Повеќе од илјада години Венеција била главен град на Венецијанската Република.Градот бил основан во 569 година кога група бегалци, за да се спасат од инвазијата на Лонгобардите, се населиле во крајбрежната област.
Сместена во северниот дел на Италија, Венеција на многу луѓе им е омилена дестинација. Тие ја сакаат поради камените улици, каналите, гондолите и византиските градби. Заборавете на летото, зимата е најдоброто годишно време за да го посетите овој град. Гужвата за време на топлите сезони не е толку атрактивна. Студените месеци овозможуваат добар пат и тивки канали. Доколку себеси се сметате за патник, а не за турист, ова е вистинско време да ја посетите Венеција.
За романтичарите Венеција е остварување на сонот. Позната како и „Огледало на душата“, „Кралица на Јадранот“, „Градот на вода“, „Градот на мостовите и каналите“… Венеција е една од најпосакуваните туристички дестинации.
Плоштадот Свети Марко е еден од најзначајните италијански плоштади, прочуен во целиот свет поради неговата убавина. Претставува единствен урбан простор во Венеција кој се смета за плоштад, со оглед на тоа дека сите други поголеми јавни простори се нарекуваат „полиња“. Познат е уште како „Европски салон“.
Риалто е еден од четирите мостови на Големиот канал во Венеција. Тоа е најстариот и најубавиот мост што некогаш го делел градот на двете области – Сан Марко и Сан Поло. Големот канал во Венеција за прв пат бил преминат без пловно средство во 1181 година, кога Николо Баратиери го конструирал првиот понтонски мост – Понте дела Монета. Пазарот Риалто, којшто се наоѓал на источниот брег, толку многу се развил и станал важен за животот во „градот на вода“, што користењето на пловниот мост се зголемил неколкукратно.
„Голем канал“ е најголемиот канал во Венеција, Италија. Каналот го формира главниот вовдоводен систем во градот. По овој канал се одвива главниот превоз во градот преку превозни средства кои се викаат вапорети. Покрај овој канал поминуваат и голем број на такси глисери кои ги превезуваат туристите при прошетка во градот.




