
Според експертите, Бангладеш го направи најголемото изненадување во историјата на тест крикетот, откако го порази Нов Зеланд со 497-500 (328&169 – 458&42/2).
Имено, Нов Зеланд, кој е актуелен шампион во тест крикет, беше непоразен на домашен терен на последните седумнаесет натпревари.
Бангладеш дојде до првиот тест триумф над популарните ,,Блек кепс” после 21 година, односно до првата победа на гостински терен против истиот ривал во историјата.
Азиските претставници пристигнаа во Нов Зеланд пред две недели, по што следуваше седумдневна изолација, па уште три дена карантин, откако еден од фрлачките тренери, Рангана Херат, беше позитивен на КОВИД-19.
Гостите влегоа во овој дуел без своите главни играчи, Шакиб Ал Хасан и Тамим Икбал, додека кај домаќините фалеше само Кејн Вилијамсон.
Сепак, Бангладеш успешно се одбрани од налетите на противникот и практично ја освои победата после третиот ининг.
Во првиот дел, најефикасни крикетари за Нов Зеланд беа Девон Конвеј (122) и Хенри Николс (75), додека од фрлачите на Бангладеш, најмногу се истакнаа Ислам Шорифул (3-69) и Хасан Мираз Мехиди (3-86).
Во првиот ининг на гостите, капитенот Моминул Хакуе (88) и Литон Дас (86) комбинираа за 174 поени, додека Трент Булт (4-85) беше најдобар новозеландски фрлач.
Третиот ининг беше поразителен за домаќините со оглед дека дури четири играчи доживеаја викет без да постигнат ниеден поен – Тим Саути, Кајл Џејмисон, Том Бландел и Хенри Николс.
Единствена светла точка за ,,Црните” беше Вил Јанг со 69 поени, додека од бангладешките редови издоминира Ебадот Хосаин (6-46), кој беше прогласен за играч на натпреварот.
,,Доаѓавме овде единаесет години и ниеднаш немавме победено. Кога дојдовме овој пат, си поставивме цел и знаевме дека можеме да го оствариме тоа. Нов Зеланд се шампиони во тест крикет и доколку ги победиме, тоа ќе ги инспирира и наредните генерации да го направат истото.” – рече Хосаин за ,,КрикТракер”.
Четвртиот ининг беше генерално ревијален со оглед на фактот дека на Бангладеш му требаа само 40 поени за победа, од кои 17 освои Наџмул Хосаин Шанто.
Следниот тест дуел помеѓу двата ривали ќе биде одигран на 8 јануари со почеток од 23.00 часот по македонско време.




