На „Тропикана Филд“ во Ст. Петерсбург, градот во којшто е базиран тимот на Тампа Беј Рејс, беше одигран синоќешниот натпревар помеѓу домашната екипа и гостите од Џорџија – Атланта Брејвс.
И за двата тима, ова беше четвртиот натпревар во новата МЛБ сезона. Домаќините славеа убедливо со 14-5, пред сè поради постигнатите осум поени во четвртиот ининг.
Освен убедливата победа, „Ражите“ стигнаа и до уште едно рекордно достигнување. Имено, нивните фрлачи направија дури деветнаесет страјк-аути што претставува нов рекорд на франшизата, а удирачите постигнаа одлични пет хоум-рани, од кои, Хантер Ренфроу постигна два.



