Милвоки Бруерс поврзаа четири победи, од кои, три се остварени против тимот на Питсбург Пиратес.
Имено, во третиот меч од меѓусебната серија, претставниците на Висконсин ги поразија ,,Пиратите” со 4-2.
Заклучно со седмиот ининг, Бруерс имаа водство од 4-0, стекнато со хоум-раните на Роуди Тељез и на Кестон Хиура, додека на базите беа Хантер Ренфроу и Омар Нарваез.
Во осмата деветтина, гостите постигнаа два поени, откако по ударот на Ке’Брајан Хејс, по четири бази освоија Мајкл Чавис и Кевин Њумен.
Одлична партија за победничкиот состав имаше фрлачот Брендон Вудраф, кој за шест ининзи освои девет страјк-аути.
Во Националната лига, Милвоки (8-5) скокна на шестото место, додека Питсбург (5-7) ја држи единаесеттата позиција.