Бредене – Коксајде Класик е еднодневна велосипедска трка што се вози традиционално од 2003 наваму со исклучок на две години.
Истата започнува во Бредене, а завршува во Коксајде. Двата градови се наоѓаат во Белгија, но иако не се многу оддалечени, трката сепак се вози на ~200 километри.
На овогодинешното 18. издание, најбрз беше Белгиецот Тим Мерлиер, кој дојде до третата овосезонска победа со просечна брзина од 47,4 км/ч.
Во завршниот спринт, возачот на ,,Алпесин-Феникс” ги порази поранешниот светски шампион Мадс Педерсен (Трек-Сегафредо) и Флоријан Сенехал (Декојнинк-Квик Степ).
На десет километри до целта, од водечката група се издвои Лукас Постлбергер, но Австриецот беше престигнат од сите во последните 1400 метри.
Во првите петмина се пласираа уште Том Ван Асброк и Едуард Михаел Гросу.
Заслужен за високиот пласман на Гросу беше неговиот тимски колега од ,,Делко”, односно Србинот Душан Рајовиќ, кој го влечеше Романецот до завршните три километри.
📸 Getty Images Sport