
Еден од најепските дуели во Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип во последните години беше одигран денес на ,,Кроук Парк”.
Имено, во полуфиналето на Леинстер, силите ги одмерија вечните ривали, Килкени и Вексфорд, кои се пресметаа дури после продолженија.
Конечниот резултат изнесуваше (2-37) 43-35 (2-29) во корист на Килкени, изборувајќи финале против Даблин.
Во првото полувреме, двете екипи беа израмнети седум пати, но на пауза со предност заминаа победниците со 15-14.
Пред истекот на вториот дел, Килкени имаше предност од три поени, но Вексфорд успеа да израмни на (1-27) 30-30 (1-27) и да избори екстра-време.
После првото продолжение, ,,Мачките” водеа со 35-34, но во второто направија победничка серија од 8-1, која им донесе конечен триумф.
Од победничкиот состав, а воедно и на мечот, најефикасен беше Ти Џеј Рид (0-16), а од неговите соиграчи, гол постигнаа Оин Коди (1-5) и Валтер Волш (1-1).
На спротивната страна, Ли Чин (0-14) беше поентерски најрасположен, а единствен голгетер беше Марк Фенинг (1-1).