На првата потера во новата сезона од Светскиот куп во крос-кантри во машка конкуренција, Русите издоминираа во Рука, Финска.
Како победник на патеката од петнаесет километри се покажа актуелниот шампион, Александер Болшунов (35:23,7), кој беше за неполна секунда побрз од неговите сонародници – Сергеј Устиугов (+0,5) и Артјом Малцев (+0,7).
Иван Јакимушкин (+5,3) и Илја Семиков (+12,7) беа останатите двајца Руси во топ 6, додека помеѓу нив, на петтата позиција, заврши Чехот Михал Новак (+9,2).
Вчерашниот победник, Ииво Нискнен и голем дел од норвешките фаворити (Јоханес Клебо, Паал Голберг, Симен Хегштад Кругер, Ерик Валнес и Емил Иверсен) не учествуваа на денешната трка.
Кај дамите, најголемата фаворитка, Терезе Јохауг (25:56,0), ги оправда очекувањата и славеше на трката, иако тргна четиринаесет секунди подоцна.
Вчерашната победничка, Фрида Карлсон (+7,8) беше најблиска до Јохауг, односно ја освои втората позиција, а Хајди Венг (+37,9) го комплетираше подиумот.
Домашните навивачи останаа разочарани поради фактот дека Криста Пармакоски (+38,3) остана без пиедестал за помалку од половина секунда.