Екипите на Тампа Беј Лајтнинг и на Далас Старс синоќа го одиграа третиот натпревар од овогодинешната финална серија во НХЛ.
Тампа Беј забележа победа од 2-5 и поведе со вкупни 2-1, правејќи пресврт по почетниот триумф на Далас.
Синоќа, Лајтнинг поведоа со 0-2 после седум минути игра, а головите ги постигнаа Никита Кучеров и Стивен Стамкос.
Имено, Стамкос е Канаѓанец со македонско потекло и воедно е капитен на клубот од Флорида. Искусниот хокеар го одигра својот прв натпревар после 25 февруари, кога доживеа повреда.
До крајот на третината, Далас намали преку голот со играч помалку на Џејсон Дикинсон.
Вториот период беше пресуден за овој дуел и во него, уште тројца играчи на Тампа Беј се запишаа во листата на стрелците – Виктор Хедман, Брејден Поинт и Ондреј Палат.
Конечниот резултат го постави Миро Хеисканен во седмата минута од третата третина.



