
Најголемиот расадник за квалитетни НФЛ играчи е колеџ фудбалот (НЦАА), кој ги снабдува врвните екипи со бројни млади таленти.
Во оваа категорија, најдобриот играч ја добива наградата наречена ,,Хајсмен Трофи”, која дополнително го истакнува неговиот потенцијал.
Синоќа, ова признание му беше доделено на Брајс Јанг, кој стана првиот квотербек во историјата на Алабама со највисокот одличје.
Јанг го предводеше составот на Алабама до учинок од 12-1 во регуларниот дел од сезоната и го квалификува во полуфиналето, каде што ќе се соочи со Синсинати на 31 декември.
Играчот, роден на 25 јули 2001, доби уште шест други индивидуални награди во својата прва стартна сезона под водство на Ник Сабан.
Минатата сезона, Јанг беше резервен квотербек на Алабама, каде што стартната позиција ја имаше актуелниот предводник на Њу Ингланд Патриотс – Мек Џонс.
Во 2021, новиот освојувач на ,,Хајсмен Трофи” одигра 13 мечеви на кои постигна 43 тачдауни, освои 4322 јарди од 314/462 прецизни додавања и уфрли само 4 пресечени пасеви.
Последните три квотербекови, кои добија Хајсмен награда, Бејкер Мејфилд (2017), Кајлер Мареј (2018) и Џоу Бароу (2019), на наредниот НФЛ драфт беа избрани како први пикови.
*Во соработка со НФЛ Македонија*