Во првиот интернационален еднодневен крикет натпревар после цели сто триесет и девет дена го одиграа репрезентациите на Англија и Ирска.
Овој меч беше одигран на „Ајџеас Боул“ во близина на Саутемптон, Англија. Англија, како актуелен светски шампион, важеше за голем фаворит во пресрет на овој натпревар, иако во својот тим немаше неколку ѕвезди кои настапуваа на СП 2019.
Фаворитската улога беше оправдана откако домаќините дојдоа до победа од 174/4 (27.5) – 172/10 (44.4).
Ирска беше репрезентацијата што удираше прва и од којашто најмногу се истакна дебитантот Куртис Камфер. Камфер постигна педесет и девет поени што е втор најдобар учинок на еден дебитант на еднодневен крикет натпревар за Ирска во историјата. Пред него е само Еоин Морган, денешниот капитен на Англија родум од Ирска, кој против Шкотска во 2006, освои деведесет и девет поени. Од англиските фрлачи, најефикасен беше Дејвид Вили со пет освоени викети.
Ирска добро го започна и својот фрлачки ининг земувајќи два брзи викети на 12/1 и 34/2 над Џони Беирстоу и Џејсон Рој. Сепак, крај на натпреварот му приредија Еоин Морган и Сем Билингс коишто заедно стигнаа до сто и три освоени поени. Во меѓувреме, од Англичаните, викет доживеаја и Џејмс Винс (59/3) и Том Бентон (78/4). Од ирските фрлачи, најрасположен беше Крег Јанг со два викети.