
Дебитантот во Бет-ат-хоум Хокеј Лиг, Вал Пустерија, пред три недели загуби од Болцано со 1-2 во дуелот на двете италијански екипи во австриското првенство.
Сепак, денес, претставниците на гратчето Брунико го надиграа својот голем ривал со 6-2, носејќи му победа на новиот тренер, Раимо Хелминен, на своето деби во новата средина.
Болцано беше составот, кој дојде до почетна предност од 0-1 со голот на Мајк Халмо, но до крајот на првата третина, Вал Пустерија направи пресврт преку Емил Кристенсен и Закари Џон Будиш.
Во средината на вториот период, Антон Бернард израмни на 2-2 за Болцано, а за „Волците“ да заминат на втората пауза со нова предност од 3-2 се погрижи Матијас Мантингер.
Третиот период помина во знакот на домашниот состав, кој го постави конечниот резултат со двата погодоци на Максвел Герлах и едниот гол на Роберт Хана.
И покрај поразот, Болцано остана на петтото место на табелата, додека Вал Пустерија сè уште има најмалку поени, но се наоѓа на претпоследната позиција поради откажувањето на Братислава Капиталс.