
Претпоследниот супервелеслалом од сезоната на Светскиот куп во алпско скијање, одржан во Квитфјел (Норвешка), му припадна на Александер Омодт Килде.
Норвежанецот ја помина патеката за време од 1:25,91 и со новите сто поени го загарантира кристалниот глобус во оваа дисциплина.
На второто место, неочекувано, заврши Канаѓанецот Џејмс Крофорд (+0,07), кој се искачи на победничкиот пиедестал за првпат во кариерата.
На третото место, со пет стотинки послабо време од второпласираниот, се најде Матијас Мајер (+0,12), а без подиум остана вчерашниот победник на спустот – Доминик Парис (+0,21).
Најдобрите Швајцарци, Беат Фојц (+0,31) и Жистин Муризие (+0,71), беа петти и шести, а во топ 10 завршија уште: Винсент Крихмајер (+0,73), Адријан Смисет Сејерштед (+0,75), Нилс Хинтерман (+0,84) и Ромед Бауман (+0,93).