
Актуелните шампиони, Џилонг Кетс, влегоа во новата АФЛ сезона со два порази.
Во увертирата на второто коло, ,,Мачките” загубија од Карлтон Блус со (13.12) 90-82 (12.10).
За Блус, ова беше прва победа над бранител на титулата после петтото коло во 2010, кога повторно го совладаа Џилонг.
Клучна за првиот овосезонски триумф на номиналните домаќини беше серијата од 50-13 на крајот на втората и на почетокот на третата четвртина.
Во неа, протагонист беше Чарли Карноу (5.2), а од неговите соиграчи, хет-трик од голови запиша уште Метју Оувис (3.0).
Најефикасен фудбалер на теренот беше Џереми Камерон (6.1) од поразениот состав, а по него, од играчите во сино-бел дрес, следуваше Оливер Хенри (2.1).
Со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Карлтон изби на првото место на табелата, додека Џилонг ја зазема дванаесеттата позиција.