Овогодинешната сезона на Кинеската Супер Лига беше одиграна по различен формат, односно употребувајќи плејоф за утврдување на конечниот пласман.
Во финалето, силите ги одмерија минатогодишните победници Гуангжу Евергранде и Џиангсу Сунинг.
Откако завршија на првите две места во групата А во регуларната сезона, на патот до финалето, Евергранде, тимот предводен од Фабио Канаваро, беше подобар од Хебеи и од Пекинг Гуоан, додека Џиангсу ги елиминира Чонгкинг Лифан и Шангај СИПГ.
Првиот финален меч заврши со 0-0 што го однесе реваншот во потполен егал.
Сепак, денес, Џиангсу Сунинг ја освои својата прва титула во Кинеската Супер Лига, триумфирајќи со 1-2.
Клучен момент беше соло-продорот на Алекс Тешеира (Џиангсу) во последната минута од првиот дел, кој беше срушен од Хе Чао на работ на шеснаесетникот. По гледањето на ВАР, Чао доби црвен картон, а Едер го однесе Џиангсу во водство со голот од досудениот слободен удар.
Веќе во втората минута од второто полувреме, Тешеира постигна одличен погодок за капитално водство од 0-2 на Џиангсу Сунинг.
До крајот, Гуангжу, со играч помалку, успеа да намали на 1-2 преку резервистот Веи Шихао (61′).
Како најдобар стрелец во изминатата сезона се покажа Седрик Бакамбу со четиринаесет голови.
Неговиот тим, Пекинг Гуоан, ја заврши сезоната на третото место, откако, во ,,малото финале”, беше подобар од Шангај СИПГ.
Единствен (засега) релегиран тим е Шиџиажуанг, а во плејаут ќе игра Вухан Зал против второпласираниот ривал од втората лига.



