
Хронометарската олимписка трка на десет километри во крос-кантри во женска конкуренција го донесе еден од највозбудливите расплети во историјата.
Иако имаше потешкотии во првиот дел од патеката, Норвежанката Терезе Јохауг (28:06,3), успеа да дојде до второто злато на ЗОИ во само пет дена.
Со само четири десетинки заостаток зад неа се пласираше Керту Нисканен (+0,4), која несреќно го загуби тронот, но дојде до првиот поединечен олимписки медал.
Нејзината сонародничка од Финска, Криста Пармакоски (+31,5), се искачи на пиедесталот на третите ЗОИ по ред, а го доби епитетот за најсреќна скијачка на денот.
Имено, Пармакоски ја освои бронзата со само една десетинка предност пред Наталија Непрјаева (+31,6), која и покрај силниот финиш испушти одличје за дел од секундата.
На петтото место заврши Германката Катарина Хених (+43,4), а под една минута заостануваа Еба Андерсон (+50,9) и Јулија Ступак (+57,5).
Македонската претставничка, Ана Цветановска (+11:51,4), дебитираше на олимписките патеки и го заврши денешниот настан на 95. позиција.




