
Во рамките на Светскиот куп во биатлон, првата овогодишна трка во Антолц, Италија, беше на дваесет километри во машка индивидуална конкуренција.
До втората победа во кариерата, односно до првата после 4 декември 2016, дојде Русинот Антон Бабиков (49:46,8), кој беше единствен скијач со стопроцентен стрелачки учинок.
Иако долго време беше во водство, двете промашени мети при последното пукање го спуштија Норвежанецот Тарјеи Бо (+9,7) на втората позиција.
Со само еден промашај, на третото место заврши сонародникот на Бабиков, Саид Камирула Халили (+48,5), кој го освои првиот подиум во својата кариера.
Само две секунди позади него беше братот на Тарјеи, Јоханес Тингнес Бо (+50,5), а пласманот во првите петмина го комплетираше Стурла Холм Лагреид (+1:32,9).




