Третото коло од групата Е на Африканскиот куп на нации донесе голема драма и ги одреди патниците во нокаут-фазата.
Бранителот на титулата, Алжир, по двата кикса во првите две кола, доживеа дебакл од 3-1 од Брегот на слоновата коска и доживеа неочекувана елиминација.
Брегот на слоновата коска беше доминантен тим и дојде до водство од 3-0 со головите на Франк Кеси (22′), на Ибрахим Сангаре (39′) и на Николас Пепе (54′).
Во продолжение, Ријад Марез промаши пенал за Алжир, додека почесен погодок постигна Софијан Бендебка (73′).
Во вториот меч, Екваторијална Гвинеја славеше над Сиера Леоне со 1-0 со погодокот на Пабло Ганет (38′).
Сиера Леоне имаше шанса да избори нокаут-фазата преку поредокот на третопласираните екипи, но Кеи Камара промаши пенал на пет минути пред крајот.
Токму денешните победници се пласираа во плејофот на континенталниот собир: Брегот на слоновата коска ќе игра против Египет, а Екваторијална Гвинеја ќе го чека исходот од групата Ф, односно Гамбија, Мали или Тунис.