
Последниот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри пред Светското првенство, одржан во Тоблах (Италија), заврши со денешните штафетни трки.
Во женска конкуренција, Норвешка (1:16:04,3) дојде до петнаесеттата победа на последните шеснаесет трки, а за неа настапија Хајди Венг, Ане Шерсти Калваа, Ингвилд Флугштад Остберг и Силје Теодорсен.
Второто место, за прв подиум после пет години, го освои Германија (+13,9) во состав на: Лаура Гимлер, Катарина Хених, Пиа Финк и Колета Ридзек.
Во фотофиниш, до најниското скалило на пиедесталот стигна Шведска (+26,7), односно Ема Рибом, Еба Андерсон, Моа Илар и Јона Сундлинг, пред селекцијата на САД (+26,9).
Кај мажите, огромно славје на домашната публика и’ донесоа Дитмар Неклер, Франческо Де Фабијани, Симоне Дапра и Федерико Пелегрино (1:07:20,8) со првиот италијански триумф после 2006.
На второто место се пласираше Шведска (+0,6), пред Норвешка 1 (+0,7) и пред Норвешка 2 (+1,4), каде што фалеа Паал Голберг и Јоханес Клебо.
За Шведска денес скијаа Ерик Росјое, Кале Халфварсон, Јохан Хегстром и Едвин Ангер, а за Норвешка 1 – Сјур Роте, Дидрик Тонсет, Симен Хегштад Кругер и Харалд Остберг Амундсен.