
За првпат после пауза од дваесет месеци, на програмата на КХЛ беше најисточното дерби помеѓу Амур Хабаровск и Адмирал Владивосток.
Амур влезе во овој дуел со серија од три порази после продолжение/пенали, додека Адмирал на четвртото гостување во низа ја бараше втората победа.
И двете наведени серии беа продолжени денес со тоа што гостите од Владивосток триумфираа со 1-2, за прво славје во ,,Платинум Арена” после 26 септември 2019.
За нив, во првата и во втората третина, по еднаш, мрежата на Јевгени Аликин ја затресоа дефанзивците Војтех Мозик (прв гол во дресот на Адмирал) и Либор Сулак.
Во третиот период и покрај целосната иницијатива, ,,Тигрите” успеаја да постигнат само почесен погодок преку Радан Ленц.
Со 33/34 одбранети шутеви (97,06%), важна алка во победата на гостите беше и голманот Никита Серебрјаков, кој сè уште го чека првиот овосезонски шут-аут.
На табелата на Источната конференција, Амур, со шеснаесет бодови, го зазема деветтото место, додека Адмирал е десетти со поен, но и со натпревар помалку во однос на денешниот ривал.