
Искусниот Хенрик Кристоферсен се врати на победничките патеки после 31 јануари, откако беше најбрз на третиот овосезонски велеслалом, одржан во Алта Бадија, Италија.
Норвежанецот беше седми после првата серија, но со третото најдобро време во втората, дојде до дваесет и четвртата победа во кариерата.
Освојувачот на последните два велеслаломи, Марко Одермат (+0,31), заврши како второпласиран, но го задржа водството во генералниот поредок.
Австриецот Мануел Фелер (+0,37) го комплетираше подиумот, а неговиот сонародник, Патрик Фојерштајн (+0,58), го зазеде четвртото место.
За Фојерштајн, денешниот пласман беше најдобар во својата кариера, добиен после најбрзото скијање во втората серија, кое му донесе напредок од неверојатни дваесет и три позиции.
Честа на домашните претставниците ја одбрани петтопласираниот Лука де Алипрандини (+0,69), а во топ 10 завршија уште: Ривер Радамус (+0,73), Жистин Муризие (+0,78), Расмус Винсингштад (+0,82), Филип Зубчиќ (+0,93) и Штефан Бренштајнер (+0,95).
После првата серија, на водечкото место се наоѓаше Матје Февр, кој ја заврши трката на шеснаесеттата позиција (+1,26).