Првите овосезонски трки од Светскиот куп во биатлон, стартувани со масовен старт, се одржаа денес во Гран-Борнар, Франција.
Во женска конкуренција и покрај двата промашаи, до втората победа во два дена, односно до втората победа во кариерата, дојде Швеѓанката Елвира Оберг (35:21,7).
Жулија Симон (+10,7) и Кристина Резцова (+12,1) го комплетираа подиумот, додека на четвртото и на петтото место завршија Доротеа Вирер (+13,3) и Џесика Јислова (+13,9).
За Резцова, денешното трето место беше нејзин прв пиедестал во кариерата, додека Јислова го избори својот најдобар пласман во индивидуална конкуренција.
Кај мажите, откако вчера Квентин Фијо Маје стана само вториот Французин што победил на домашно тло, денес, истото му појде од рака и на Емилиен Жакелан (35:54,8).
Токму вчерашниот победник, Фијо Маје (+3,5) се пласираше на втората позиција, а како трет, целната линија ја помина Тарјеи Бо (+10,3).
Во првите пет, завршија уште Феликс Лајтнер (+15,6) и Ветле Сјастад Кристијансен (+16,4).