Актуелните јапонски шампиони, Јокохама Маринос, во 20. коло, на домашен терен, ја пречекаа екипата на Висел Кобе, каде што играат Андрес Иниеста, Серхи Сампер и Томас Вермален.
Натпреварот започна фуриозно со три погодоци во првите единаесет минути.
Најпрво, во третата минута, Едигар Жунио ги донесе домаќините во водство, а Кобе направи пресврт благодарение на Даглас (7′) и на Иниеста (11′) од пенал.
Речиси цел натпревар се играше во половината на гостите, кои успеаја да ја удвојат предноста на 1-3, со голот на Кјого Фурухаши.
Во втората минута од судиското продолжение, Јокохама преку Рјута Коике, конечно успеа да го пробие бедемот на Кобе и да го постави конечниот резултат од 2-3.
За Кобе, ова е трета последователна победа по промената на тренерската позиција, односно по заминувањето на Торстен Финк и доаѓањето на Атсухиро Миура, за преземање на деветтата позиција на табелата. Од друга страна, Маринос се три позиции погоре со два поени предност во однос на денешниот ривал.