Чешката станица, Нове Место, беше домаќин на последната машка штафетна трка во тековната сезона од Светскиот куп во биатлон.
Неочекувано, но потполно доминантно, до победата дојде Германија (1:12:28,1), за која настапија Ерик Лесер, Бенедикт Дол, Арнд Пајфер и Филип Наврат.
На втората позиција, пред сè благодарение на последното стрелање, заврши Русија (+1:21,7), односно Саид Каримула Халили, Матвеј Елисеев, Александер Логинов и Едуард Латипов.
Подиумот го комплетираше селекцијата на Норвешка (+1:33,2), која го оствари својот најслаб овосезонски пласман во оваа дисциплина.
Имено, од нив, по еден дополнителен круг трчаа Стурла Холм Лагреид, Тарјеи Бо и Јоханес Тингнес Бо, а ,,поштеден” од истата судбина беше само прецизниот Јоханес Дале.
Во продолжение, пласман во топ 5 изборија уште Словенија (+2:13,2) и Франција (+2:14,7).
Трагичар за Французите беше нивниот четврти претставник, Емилиен Жакелан, кој трчаше дополнителни четири кругови.
📸 Kevin Voigt/DeFodi Images via Getty Images