Првата германска станица од Светскиот куп во нордиска комбинација во машка конкуренција беше германскиот Клингентал, каде што денес се одржа дванаесеттото овосезонско натпреварување, во отсуство на водечкиот во генералниот пласман – Јарл Магнус Риибер.
Во првата серија, Рјота Јамамото имаше најдобар скок и беше водечки во пресрет на трчањето.
Сепак, Јапонецот драстично потфрли, заземајќи го деветтото место на самиот крај.
Во втората серија, најдобри тркачки перформанси имаше Германецот Винценц Гајгер, кој од четиринаесеттата, дојде до првата позиција (24:59,6).
Во првите пет, имаше уште тројца негови сонародници, Фабијан Рисле (+3,5), Ерик Френцел (+3,6) и Јоханес Ридзек (+5,8), кои го зазедоа второто, третото и петтото место.
Единствен ,,натрапник” помеѓу нив беше Финецот Илка Херола (+3,8) на четвртата позиција.
📸 Laurent Salino/Agence Zoom