Биг Беш Лиг е професионалната австралиска лига за Т20 крикет. Нејзината јубилејна десетта сезона заврши денес со финалето помеѓу Сиднеј Сиксерс и Перт Скорчерс.
Во регуларниот дел од сезоната, сите осум екипи одиграа по четиринаесет средби, а финалистите ги освоија првите две позиции.
На патот до финалето, Сиксерс беа подобри токму од Скорчерс, кои поради несекојдневниот формат, одиграа уште еден меч со Бризбејн Хит, кој им донесе шанса за реванш.
Накрај, до третата титула во историјата дојдоа претставниците на Сиднеј, кои триумфираа со 188/6 (20) – 160/9 (20).
Во досегашниот тек на лигата, Сиксерс беа шампиони во два други наврати (2011/12 и 2019/20) и се израмнија по бројот на титули со денешните ривали, кои беа прваци во 2013/14, во 2014/15 и во 2016/17.
Главен адут во победата на Сиксерс беше удирачот Џејмс Винс, кој постигна 95 поени од 60 топки. Од фрлачите на старо-новите шампиони, најдобра економија имаше Бен Дварсхујс (9,25), кој освои 3 викети, а дозволи 37 поени.
Кај Скорчерс, најефикасен удирач беше Лиам Ливингстон со 45 поени, а од фрлачите, по два викети освоија Ендру Тај (2-29) и Џај Ричардсон (2-45).
📸 Twitter: OptaJim