
Последните трки во мешани тимови од Светскиот куп во биатлон го затворија натпреварувачкиот викенд во Нове Место (Чешка).
Во натпреварувањето со целосни екипи, до триумфот дојдоа Французите (1:06:32,3) Лу Жанмоно, Каролин Коломбо, Ерик Перо и Фабиен Клод со ,,скромни” седум промашаи.
На втората позиција заврши Шведска (+33,6), додека третопласирана беше Норвешка (+38,3).
За Шведска настапија Ана Магнусон, Хана Оберг, Мартин Понсилуома и Себастијан Самуелсон, а боите на Норвешка ги бранеа Каролине Кнотен, Ингрид Ландмарк Тандерволд, Јоханес Дале и Ендре Стромсхајм.
Во сингл микс штафетата, Марте Олсбу Роиселанд и Ветле Сјастад Кристијансен од Норвешка (36:40,5) дојдоа до посакуваниот триумф, додека на второто и на третото место завршија неочекувани селекции.
Имено, Ами Басерга и Никлас Хартвег (+17,6) и’ донесоа втора позиција на Швајцарија, додека Баиба Бендика и Андрејс Расторгујевс ја искачија Летонија (+29,5) на пиедесталот.
На четвртото место заврши Франција (+45,1), која со вкупни 305 поени, сепак стана нов првак во мешаните тимови пред Норвешка (280) и пред Швајцарија (217).