
Јарл Магнус Риибер го задржа стопроцентниот учинок во тековната сезона на Светскиот куп во нордиска комбинација, откако победи и на шестото натпреварување во кое учествуваше.
Единствен пат во сезоната кога Риибер не освои поени беше вториот ден во Рука, Финска, кога беше дисквалификуван поради непрописен костим.
На денешното издание во Отепаа, Естонија, Риибер беше најдобар и во двете серии, а до победата дојде со време од 23:33,2 минути на десет километри.
Сепак, со исклучок на првото место, главната битка се водеше за втората позиција во која дури осум натпреварувачи се наоѓаа во 1,3 секунди.
Од целата група, најбрз беше Германецот Фабијан Рисле (+33,5), а подиумот го комплетира неговиот сонародник Јулијан Шмид (+33,7).
Во продолжение, дел од овој караван беа уште Рјота Јамамото (+33,9), Еспен Андерсен (+34,1), Јоханес Лампартер (+34,2), Теренс Вебер (+34,5), Кристјан Илвес (+34,8) и Ерик Френцел (+34,8).