
Втората локација од новата сезона на Светскиот куп во крос-кантри беше норвешкиот град Лилехамер.
На денешната програма во машка конкуренција беше трката на петнаесет километри во слободен стил на која триумфираше Симен Хегштад Кругер (32:26,2).
Актуелниот олимписки шампион во скијатлон ја запиша својата петта индивидуална победа во Светскиот куп, оставајќи ги зад себе на подиумот своите сонародници – Ханс Кристер Холунд (+1,6) и Мартин Левстром Нингет (+17,5).
Во првите десетмина имаше дури седум скијачи од Норвешка и само еден од Русија – Алексеј Червоткин (+21,0) на четвртата позиција.
Најголемиот руски адут и актуелен шампион, Александер Болшунов (+44,3), приреди негативно изненадување, завршувајќи на четиринаесеттото место.
Кај дамите, Фрида Карлсон и Терезе Јохауг (+0,3) приредија вистинска драма на десет километри, после која, Швеѓанката (26:58,4) излезе како победничка за само три десетинки.
Фантастичната Американка, Роузи Бренан (+11,3), ја зазеде третата позиција пред Хелен Мари Фосесхолм (+16,0) и пред Наталија Непрјаева (+28,5).