Во дванаесеттото коло на англиската Лиг 2, првиот меѓусебен меч во историјата го одиграа великанот Болтон и Салфорд – клубот што е во голема мера во сопственост на поранешните ѕвезди на Манчестер Јунајтед (Ники Бат, Пол Сколс, Рајан Гигс, Дејвид Бекам, Гери Невил и Фил Невил).
Токму Пол Сколс беше тренер на Салфорд во изминатиот период по заминувањето на Греам Александер пред еден месец. Сепак, популарните „Емис“, пред неполна седмица, го ангажираа Ричи Веленс – тренерот што избори промоција со Свиндон Таун минатата сезона. Како негова замена, денес Свиндон го донесе Џон Шеридан, кој беше отпуштен од Виган Атлетик поради слабите резултати.
На другата страна, предводник на Болтон е Ијан Еват, односно човекот што минатата сезона ја освои петтата лига со Бероу и го пласира тимот од Камбрија во Лиг 2.
Во воведната четвртина од мечот, Болтон беше релативно поуспешен состав и заслужено дојде до водството од 0-1 во 24. минута преку Еон Дојл – минатогодишниот водечки стрелец во Лиг 2.
Истиот резултат беше актуелен сè до 67. минута, кога Џордан Турнбул ефектно со волеј ја затресе својата мрежа за водство на Болтон од 2-0 и поставување на конечниот резултат на оваа средба.
За Болтон, ова е само третата победа во првите дванаесет кола што ги издигна од дваесеттата на петнаесеттата позиција. Од друга страна, Салфорд останува на десеттото место. И двете екипи имаат натпревар повеќе во однос на сите конкуренти, со оглед на тоа дека го отворија новото коло.



