Највисоката станица од Светскиот куп во биатлон, италијанскиот Антхолц, е домаќин на натпреварувањата од тековниот викенд.
Имено, во северозападна Италија, мажите денес имаа штафета, додека дамите скијаа по масовен старт.
Во женска конкуренција, Жулија Симон во драматичен финиш ја натскија Хана Оберг (+0,2) за втората овосезонска победа и покрај трите промашени мети.
На третата позиција се пласираше Лиза Тереза Хаузер (+3,5), која го запиша петтиот подиум на последните седум индивидуални трки.
Во топ 5 завршија уште Франциска Пројс (+9,0) и Маркета Давидова (+17,6), додека Норвежанките потфрлија со тоа што се пласираа од седмото место надолу.
Кај мажите, возбудувањата, исто така, траеја до самиот крај, каде што Франција (1:14:25,8) ја натскија Норвешка за 0,8 секунди во завршницата.
За победничкиот состав настапија Антонан Жигона, Квентин Фијо Маје, Симон Дестио и Емилиен Жакелан, а Норвешка ја претставија Стурла Холм Лагреид, Јоханес Дале, Тарјеи Бо и Јоханес Тингнес Бо.
Од друга страна, Антон Бабиков, Матвеј Елисеев, Александер Логинов и Едуард Латипов ја пласираа Русија на третото место (+50,8), а Германија (+54,4) и Италија (+1:55,1) се изборија за место во најдобрите пет.
📸 Kevin Voigt/DeFodi Images via Getty Images