Претпоследниот ден од Светското првенство во биатлон, одржано во Покљука, Словенија, помина со штафетните трки во машка и во женска конкуренција.
Кај дамите, до златниот медал, по третпат во низа, стигна Норвешка (1:10:39,0), за која скијаа Ингрид Ландмарк Тандерволд, Тирил Екоф, Ида Лиен и Марте Олсбу Роиселанд.
Во битката за среброто, Германија (+8,8) ја натскија Украина (+9,2) во самиот финиш.
За ,,сребрената” селекција настапија Ванеса Хинц, Јанина Хетих, Денизе Херман и Франциска Пројс, додека Анастасија Меркушина, Јулија Џима, Дарија Блашко и Олена Пидрушна ја претставуваа Украина.
Во машка конкуренција, трката беше доста поубедлива, а на неа повторно славеа Норвежаните (1:12:27,4), односно Стурла Холм Лагреид, Јоханес Тингнес Бо, Тарјеи Бо и Ветле Сјастад Кристијансен.
Шведска (+33,1) се закити со сребро благодарение на Пепе Фемлинг, на Јеспер Нелин, на Мартин Понсилуома и на Себастијан Самуелсон, а бронзата на рускиот состав (+50,9) му ја донесоа Саид Каримула Халили, Матвеј Елисеев, Александер Логинов и Едуард Латипов.
📸 Kevin Voigt/DeFodi Images via Getty Images