Првпат во тековната НРЛ сезона, екипата на Голд Коуст Титанс успеа да победи два натпревари во низа.
Титанс, во претходното коло, ги совладаа Ст. Џорџ Илавара Драгонс со 10-14, а денес, нова ,,жртва” им беше последнопласираниот тим на Кантербери Булдогс.
Булдогс имаат само две победи во првите седумнаесет кола, но денес покажаа солидна игра и загубија тесно со 14-18.
Во првото полувреме, Голд Коуст поведе со 0-10 преку есеите на Томпсон и на Фермор, како и на единствената нивна успешна конверзија на мечот претворена од Тејлор.
Четири минути подоцна, Кантербери намали на 6-10 со полниот есеј на Мини. До крајот на првиот дел, Титанс ја зголемија предноста на 6-14 со новиот есеј постигнат од Фогарти.
Во вториот дел, постигнати беа три наизменични есеи по редослед: Кантербери – Голд Коуст – Кантербери.
За Булдогс поентираа Форан и Луис, а за гостите – Дон.
На овој натпревар, играчот на победничкиот состав, Сем Лисон, го забележа својот јубилеен стоти настап во НРЛ.
Со оваа победа, Голд Коуст остана на тринаесеттото место, а Кантербери сè уште го зазема дното на табелата. До крајот на регуларната сезона преостануваат уште три кола што значи дека и двете екипи немаат шанси за учество во плејофот.