Тренерот на Евертон, Карло Анчелоти, во неколку наврати истакна дека е многу задоволен од играта на Бразилецот Алан, уште додека беше на клупата на Наполи.
Токму тој впечаток го натера да издвои 25 милиони фунти за да го доведе играчот за врска во Премиер лигата, односно во дресот на Евертон.
Денес, официјално, Алан потпиша тригодишен договор со тимот од ,,Гудисон Парк”.
,,Вистинско задоволство ми е да потпишам за Евертон. Пресреќен сум што дојдов овде… Тоа е клуб со богата премиерлигашка историја, со големи амбиции, а исто така, тука е и професор Анчелоти” – истакна Алан за ,,ЕвертонТВ”.
Алан ја започна сениорската кариера во Васко да Гама, а во 2012 премина во Удинезе. Во последните пет години беше член на Наполи, каде што одигра 168 натпревари и постигна 11 голови. За бразилската сениорска репрезентација, новото засилување на Евертон има одиграно девет досегашни натпревари без постигнат погодок.



