Синоќа, Бартон Албион и Акрингтон Стенли се соочија во првата рунда од англискиот Лига Куп.
После нерешениот резултат од 1-1 по два часа игра, победникот на ,,Пирели Стадиум” го решија пеналите.
Најпрво, во 32. минута, Лукас Ејкинс погоди за ,,Пиварите”, а во 82. минута, Камерон Бурџес израмни на 1-1 за Акрингтон на своето деби во овој клуб.
Подобри изведувачи на казнени удари беа домаќините од Бартон апон Трент, кои ги погодија сите свои четири пенали. Од белата точка, прецизни беа: Лукас Ејкинс, Кејн Хемингс, Стивен Квин и Нил Ердли.
За Акрингтон, првите два удари ги промашија Џоу Причард и Мет Батчер, а потоа погодија Мохамед Сангаре и Дион Чарлс.
За новиот тренер на Бартон и поранешниот играч на Дерби Каунти, Џејк Бакстон, ова беше прв триумф во еден компетитивен натпревар. Англичанецот дојде на кормилото на Бартон директно од играчките редови на овој клуб, по заминувањето на Најџел Клаф.



