
На претпоследниот меч на домашен терен во 2021, Динамо Рига славеше над Кунлун Ред Старс после пенали.
Со по еден гол во првата и во втората третина, гостите стекнаа предност од 0-2, а стрелци беа Тајлер Вонг и Итан Верек.
Во третиот период, Николајс Јелисејевс и Рис Скарлет ја затресоа мрежата на Џереми Смит и изборија продолжение, односно пенали.
Смит, иако прими два погодоци, имаше неверојатни 52 одбрани (96,3%) и беше важна алка во освојувањето на бодот на својот тим.
Во пенал-серијата, сите играчи, со исклучок на Лаурис Даржинс и на гореспоменатиот Јелисејевс, беа непрецизни што резултираше со втората победа во низа на летонскиот состав.
И покрај победата, Динамо Рига остана на дното на Западната конференција, додека Кунлун е последен на Истокот.