
Коронавирусот ги предизвика најголемите проблеми во англискиот фудбал и на навивачите им го ,,уништи” фудбалскиот празник наречен ,,Боксинг Деј”.
Имено, од вкупно четириесет и еден планиран натпревар во првите четири лиги, беа одиграни само петнаесет средби.
Во втората лига, односно во Чемпионшип, на теренот се соочија само четири ривали: Хадерсфилд со пресврт славеше над Блекпул, а Мидлсброу го порази Нотингем со 2-0.
Хадерсфилд, после трите врзани порази на ,,Боксинг Деј”, успеа да го победи Блекпул со 3-2 и да спречи повторување на негативната низа од четири загуби на 26 декември, која датира од 1966.
Веќе во одумнаесеттата минута, Блекпул водеше со 1-2, откако за гостите стрелаа Џери Јејтс (1′) и Гери Медин (18′), а во листата на стрелците од домашниот состав се запиша Дени Ворд (3′).
Во вториот дел, Џордан Габриел (61′) заработи заслужен црвен картон и го остави Блекпул со десетмина на теренот.
Играчката предност на ,,Териерите”, најдобро ја искористи Сорба Томас (80′, 84′), кој со двата погодоци во финишот го комплетираше пресвртот.
Со новите три поени, Хадерсфилд изби на шестото место, додека Блекпул остана на тринаесеттата позиција.
Од друга страна, Нотингем остана како деветти на табелата, запишувајќи го само вториот пораз под водство на Стив Купер.
Мидлсброу, кој е предводен од Крис Вајлдер, славеше со 2-0 на домашен терен и со серијата од четири мечеви без примен погодок, скокна на петтата позиција.
На меѓусебниот меч, автогол постигна Рајан Јејтс (17′), а Словенецот Андраж Шпорар (69′) ја завери победата на ,,Црвените”.